Меѓународна мрежа за слободен софтвер
27.03.2008.
Меѓународната мрежа за слободен софтвер за кој се користи синонимот „софтвер со отворен код“ е центар што собира најдобри практики и шири знаења. Основана од УНДП, нејзините активности се обликувани околу апликации од областа на слободниот софтвер, за да се поттикнуваат јавното застапување и вмрежување на таа тема во регионот Азија-Пацифик.

Членовите на мрежата се залагаат за слободниот софтвер како извор на решенија за земјите во развој што овозможуваат можности за примена на евтин софтвер со кои би го надминале дигиталниот јаз. Причините поради кои го промовираат се: универзален пристап до софтверот без ограничувања, помала зависност од увозни технологии, слобода да се споделува, соработува, адаптира, развој на локални капацитети и отворени стандарди, кои обезбедуваат независност од определени производители.

Покрај вестите од областа на слободниот софтвер, веб-сајтот на мрежата е еден од референтните ресурсни центри на светско ниво, од кој може да се симнат упатства, анализи, учебници и други публикации во електронски формат. Содржините се лиценцирани под Криејтив комонс и се слободни за употреба за која било намена, под услов да се наведе од каде се преземени.

Филип Стојановски
Извор: Време, рубрика: Веб-сајт на денот, датум на објавување: 03.09.2007