Леонова ја спакува својата поезија – излегоа нејзините „Елементи“
24.03.2008.
elementi.jpgМинатата недела, во пречек на викендот кој следуваше, порталот за авторски содржини го збогати едно дигитално дело какво што досега не било објавено од македонски автор, а притоа заштитено со Криејтив комонс лиценца. Се работи за делото на Маргарита Иванова, позната помеѓу блогерите како Леонова, која на својот блог, повеќе од година и пол, објавуваше, помеѓу останатото, убави зборови во поетска форма. Конечно, реши да го спакува најдоброто од својата поезија во едно дело и со тоа на своите песни да им даде безвременска димензија и неограничена достапност. Книгата се вика „Елементи“, издадена е во пдф формат и заштитена со Криејтив комонс лиценцата: Наведи извор-Некомерцијално-Без адаптирани дела.

„Пишувам за животот, за секојдневието, за постоењето, за сè она што ме прави да бидам ЈАС“, вели Леонова. Ова е „книга за животот кој всушност се состои од моменти, моментите кои ги живееме, моменти за кои не сме свесни, се обидов да ги фатам и да ги замрзнам . . . некогаш можеби ќе ми притребаат. . .“

Задоволството е спакувано на 78 електронски страници кои претставуваат комбинација од поетски зборови, фотографии и илустрации кои ова дело го издвојуваат од останатите. Заради тоа, убавиот збор не е единствената причина поради која би требало да ја преземете оваа книга.

Дизајнот и фотографиите на ова дигитално издание се во целост изработени од страна на Ивана Иванова Милчиноска, ќерка на Маргарита Иванова.

Маргарита вели дека книгата ја објавила дигитално, под Криејтив комонс бидејќи такво е и времето во кое што живееме.

Во моментов не размислува за печатено издание, бидејќи себеси никогаш не се гледала како поет и писател, но вели: „животот ме научил никогаш да не велам никогаш“.