Завршува циклусот на објавување драми од Шекспир
20.03.2008.

Оваа недела на порталот за авторски содржини беа објавени последните две драми од Вилијам Шекспир зад кои како преведувач стои Драги Михајловски и кои во овој циклус на објавување за првпат станаа достапни во електронска форма, на македонски јазик. Двете драми се комедии и како и останатите дела кои беа објавени од овој автор, заштитени се со Криејтив комонс лиценцата: Наведи извор-Некомерцијално-Без адаптирани дела

Комедија на Забуни“ е најкусата комедија на Шекспир и воедно едно од неговите први дела. Оваа недела, беше објавена и комедијата „Веселите жени од Виндзор“ која ја разработува веселата Англија од крајот на Шеснаесеттиот век портретирајќи низа ликови од граѓанското општество притоа доловувајќи ја нивната простодушност, срдечност, полнокрвност и подготвеност за шега во секое време.

Со овие две дела завршува циклусот на објавување драми од Вилијам Шекспир во електронска форма. За период од околу месец и половина, беа објавени вкупно 11 драми, сите преведени од Драги Михајловски. Во овој период беше објавена и една збирка раскази од истиот автор насловена „Раскази од шести кат“.

Но, дигитализирањето на делото на Драги Михајловски не завршува овде. Во идниот период, македонската читателска публика ќе има прилика бесплатно да презема од Интернет електронска копија од едно од неговите најпознати дела. Со ова издание, ќе излезе уште едно. Во очекување на она што ќе следува идната недела, служете се со делата кои се досега достапни. Електронската библиотека на македонскиот портал за авторски содржини заштитени со Криејтив комонс веќе има солиден број дела. Ги покануваме и останатите заинтересирани автори да го сторат истото што го стори Драги Михајловски, а пред него и младите надежни автори Алекс Букарски и Душко Гошевски. За било каква техничка помош, слободно контактирајте не.