Драги Михајловски со три нови дела на Интернет
5.03.2008.

Оваа недела, во електронска форма станаа достапни уште две драми од Вилијам Шекспир, преведени на македонски јазик од Драги Михајловски, како и една авторска збирка раскази од овој македонски преведувач и писател. 

Драмата „Од влакно ортома“ е романтична комедија преведена на 74 страници спакувани во еден пдф документ. Документот, како и останатите досега објавени, може да се преземе од страниците на порталот за македонски содржини заштитени под Криејтив комонс.

Втората драма се вика „Ричард Трети“ и претставува трагедија чие дејство е лоцирано длабоко во англиската историја, поточно во нејзиниот најтажен период– граѓанската војна од втората половина на 15-от век. Разработени се тажните судбини на повеќе ликови, а најдетално, секако судбината на Ричард Трети.

Конечно, оваа недела, во електронска форма е објавено и првото авторско дело на Драги Михајловски. Се работи за збирката раскази „Раскази од шести кат“ која во печатено издание постои од 2003 година. Збирката ја сочинуваат вкупно 22 раскази, избрани и нови, распространети на 450 страници.

Збирката „Раскази од шести кат“ и двете горенаведени драми се објавени под Криејтив комонс лиценцата која дозволува нивно слободно преземање и споделување под условите: наведи извор, некомерцијална употреба и без адаптирани дела. Во сите останати случаи, ограничувања за преземање на делата, не постојат.