Споделете!
12.02.2008.

Ако веќе имате дела објавени под Криејтив комонс, поставете линк до нив. Ако сте автори на дела кои би ги објавиле под Криејтив комонс, а немате простор на веб за тоа, може да го искористите овој портал. Информирајте се повеќе!

Авторите од Македонија имаат можност да посочуваат линкови до своите креативни дела, како и директно да ги објавуваат на македонскиот портал за содржини, низ релативно едноставна постапка. Притоа, креативно дело може да биде фотографија, индивидуален текст, книга или друго литературно дело, филмско дело, аудио запис, како и блог или друг тип веб сајт.

Веднаш по пристапувањето до порталот, секој нов автор најпрво треба да се регистрира како член доколку сака да постави свое дело или линк до истото со цел да биде достапно за останатите посетители. Потоа, насочувајќи се кон категоријата „Линкови и дела (пријавување и преземање)”, активно станува копчето „Испратете нов документ”.

Постапката е кратка и едноставна. Најпрво треба да се избере методот за додавање на делото. Понудените опции овозможуваат прикачување на делото кое во електронска форма го чуваме на нашиот компјутер, поставување врска до делото кое е објавено на некој веб сервер или пак негово преместување од друга веб локација на оваа. Во зависност од избраниот метод, потребно е да се лоцира самото дело на соодветниот начин и на крајот да се именува и смести во соодветна категорија. Кон сето ова се додава типот на лиценцата со која делото е заштитено и евентуално опис за делото. Со зачувување на сработеното на крајот од постапката, делото се појавува во соодветната категорија на објавени дела.

Сите објавени дела и додадени линкови автоматски стануваат достапни за пребарување, така што секој посетител може да ги презема, посетува и употребува, секако под условите кои авторот ги навел. За пребарување и преземање дела од македонски автори кои се заштитени со лиценци од Криејтив комонс, не е потребно регистрирање на порталот. Секој посетител има право да пребарува низ архивата, да ги посетува линковите, како и да презема прикачени фајлови. Авторите пак, можат да прават подоцнежни промени на делата кои ги објавиле.

На овој начин македонскиот портал за авторски содржини – www.cc.org.mk станува една голема архива на дела од секаков тип, која на авторите им овозможува истовремена промоција и заштита под одредени услови, додека на посетителите – посетување и преземање на делата и нивна употреба според пропишаните услови.

Некои од стотиците други веб-сајтови на кои може бесплатно да се објавуваат авторски дела лиценцирани под Криејтив комонс и други слободни лиценци се:

Име на сајтот

Адреса на сајтот

Поддржани содржини

Internet Archive

www.archive.org

слики, аудио, видео, текст

Pump Audio

pumpaudio.com

аудио

Dmusic

www.dmusic.com

аудио

Open Photo

openphoto.net

слики

Flickr

flickr.com

Слики

DeviantART

www.deviantart.com

слики

Sourseforge

sourceforge.net

софтвер

Buzznet

www.buzznet.com

слики, видео, блогови

YouTube

youtube.com

видео

Google Video

video.google.com

видео

Blogger

www.blogger.com

блогови

Блогер МК

bloger.com.mk

блогови

Блогерај

blog.com.mk

блогови

При објавување на делото на некој од овие сајтови, постојат опции за избирање на лиценци Криејтив комонс при што автоматски се генерира дигитален код кој се вметнува во соодветните веб-страници. Решението за случаите кога тоа не е возможно е исто така едноставно – доволно е авторот да го преземе кодот од веб-сајтот на Криејтив комонс и да го вметне во кодот на страниците (на пр. постовите од блог) или во поле за опис.