Завршна промоција на Криејтив комонс во Тетово
4.12.2007.
Вчеравечер, со почеток во 19 часот, во просториите на МАЦ (Мултимедија Арт Центар) Лоја во Тетово, се одржа последната промоција на лиценците Криејтив комонс во рамките на оваа промотивна турнеја.

Топло бевме добредојдени од страна на домаќините кои ни помогнаа во изложувањето на делата од младите македонски уметници кои се занимаваат со сликање, фотографија и графички дизајн. Ги изложивме делата на Ване Костуранов, Мери Доневска-Костуранова, Милена Станишлевиќ и Столе Ангелов од Струмица, како и оние на Мето Ангелов од Неготино.

Презентацијата на лиценците Криејтив комонс и начинот за нивната употреба предизвика големо внимание кај публиката што се покажа и со големата заинтересираност за собирање на информативен материјал за лиценците на крајот од случувањето.

После презентацијата, публиката имаше можност да погледне два видео спота кои треба да станат дел од Криејтив комонс семејството во најбрзо време. Започнавме со спотот за песната „Хот деј ин Мексико“ за битолскиот бенд Фолтин во изработка на видео артистот Филип Јовановски, а веднаш потоа следуваше спотот на Јане Алтипармаков изработен за песната „Дисгајзис“ на бендот Пиколомини. Особен интерес предизвикаа двата кратки филма чии проекции следеа во продолжение. Го видовме извонредниот „Исклучок“ на Вардан Тозија и завршивме со „Златко легна и не сака да стане“ на Саша Станишиќ.