Најава: Криејтив комонс хепенинг во Точка
29.11.2007.
Во просториите на културниот центар Точка, Скопје со почеток во 20.30 часот ќе се одржи Криејтив комонс хепенинг, преку мултимедијално дружење со македонски автори кои објавуваат под лиценцата Криејтив комонс.

Настанот се организира во рамките на активностите на Tретата меѓународна конференција Е-општество.Мк. На вечерта ќе бидат изложени фотографии од уметниците

  • Мето Ангелов,
  • Ване Костуранов,
  • Столе Ангелов,
  • Мери Доневска - Костуранова,
  • Милена Станишлевиќ.

Ќе бидат презентирани видео дела од македонски автори, а свој музички диџеј сет ќе има Борг. На настанот ќе се пуштаат и инсерти од серијата културни настани низ Македонија што партнерски ги организираа Метаморфозис и Контрапункт, со цел меѓу уметниците да ги промовираат лиценците Криејтив комонс, веќе локализирани на македонски јазик.

Македонската верзија на Криејтив комонс, светски познатите лиценци кои овозможуваат ширење на слободна култура, беше промовирана во јуни. Со прилагодувањето на лиценците на нејзиниот правен систем Македонија стана 38 земја-членка на семејството на Криејтив комонс. Системот на Криејтив комонс е дел од системот за заштита на авторските права, со кој на авторите им се олеснува комуникацијата со публиката и другите автори сакаат да ги користат нивните дела како основа за своето творештво.

Покрај локализирањето на соодветниот дел за издавање лиценци на веб-сајтот на централниот Криејтив комонс, Фондацијата Метаморфозис го објави отворањето и на Македонскиот портал наменет за поттикнување развој на е-содржини и нивна поголема промоција – www.cc.org.mk. Преку порталот сите автори на е-содржини ќе може да дознаат повеќе за лиценците, но и да постават линкови до своите лиценцирани дела. Порталот на авторите кои немаат можност да ги објават делата на сопствени сајтови им овоможува и хостирање.