Објавени македонските лиценци Криејтив комонс
22.06.2007.
Г. Џои Ито, претседавач на Криејтив комонс, на 19 јуни 2007 година во Скопје, ја промовираше македонската верзија на светски познатите лиценци кои овозможуваат ширење на слободна култура. Со прилагодувањето на лиценците на нејзиниот правен систем Македонија стана 38 земја-членка на семејството на Криејтив комонс.

На презентацијата која се одржа во хотелот Холидеј ин учествуваа над 120 посетители, а воведни излагања имаа и преведувачот на лиценците и координаторот на процесот, г. Николче Мицковски од Фондацијата Метаморфозис, експертката задолжена за нивно прилагодување на македонското законодавство г-а Неда Здравева од Правниот факултет, како и г-а Деси Пефева, претставничка на Интернет општество Бугарија, која ги пренесе искуствата од примената на Криејтив комонс во нејзината земја.
Г. Ито одржа инспиративно предавање за главните аспекти на слободната култура преку која се овозможува споделување на знаењето и плодовите на креативен труд преку интернет. Тој нагласи дека системот на Криејтив комонс е дел од системот за заштита на авторските права, со кој на авторите им се олеснува комуникацијата со публиката и другите автори сакаат да ги користат нивните дела како основа за своето творештво.

Отфрлајќи ја класификацијата на движењето за слободна култура како дело на иделистички либерални студенти и професори по право, тој укажа на низа примери на прифаќање на Криејтив комонс од страна на комерцијални системи кои сакаат на своите корисници да им овозможат подобри услуги. Како многу важни тој ги посочи тоа што базата на фотографии Фликер – во сопственост на Јаху, како и Офис на Мајкрософт преку додавка, овозможуваат лесно вградување и користење на лиценците на нивните клиенти. Во тек е изработка на слична додавка и за Опен офис, а разнородноста на сите овие заинтересирани страни укажува на спремноста на Криејтив комонс да служи како поттикнувач за промовирање нови пристапи – во полза на сите. Според него, оние компании кои како Епл со ајТјунс и ајПод, кои сватиле дека корисниците кои споделуваат содржини, како музика преку интернет, не се закана, туку нов пазар, многу брзо стануваат светски лидери во дадените области.

Г. Мицкоски и г-а Здравева укажаа на некои од спецификите при локализирањето на лиценците, како различностите во правната терминологија, како на пример дека американскиот поим „лиценца“ кај во Македонија е „договор за неисклучиво пренесување на дел од авторските права“.

Г-а Пефева укажа дека главна причина за успехот на Криејтив комонс во Бугарија, која е втора во светот по бројот на лиценцирани содржини е широката поддршка од страна на авторите овозможена со поставување платформи за нивна меѓусебна комуникација. Особено позитивно бил потегот на Владата која ги лиценцирала текстовите на законите и така ги објавила во електронски формат, овозможувајќи нивна широка достапност.

Покрај локализирањето на соодветниот дел за издавање лиценци на веб-сајтот на централниот Криејтив комонс, Фондацијата Метаморфозис го објави отворањето и на Македонскиот портал наменет за поттикнување развој на е-содржини и нивна поголема промоција – www.cc.org.mk. Преку порталот сите автори на е-содржини ќе може да дознаат повеќе за лиценците, но и да постават линкови до своите лиценцирани дела. Порталот на авторите кои немаат можност да ги објават делата на сопствени сајтови им овоможува и хостирање.

Преку порталот во најскоро време ќе бидат достапни и фотографии, како и аудио и видео снимки, сите лиценцирани под Криејтив комонс.