Промоција на е-книга од Американ Колеџ
28.06.2010.

uslovni_recenici.jpg

Е-книгата „Условни реченици: антологија од раскази“, публикација на Универзитетот Американ Колеџ, Скопје беше промовирана на 24 јуни, 2010г. во Културниот информативен центар (КИЦ) во Скопје. Антологијата беше избрана од страна на Марија Тодорова. Книгата ја презентираше писателот и академик Митко Маџунков.

Антологијата содржи десет раскази од познати американски, британски и ирски автори, вклучувајќи виртуози на расказот како што се Џејмс Џојс, Вилијам Сомерсет Могам, Радјард Киплинг, Емброуз Бирс, Кејт Шопин и О. Хенри. Расказите од англиски ги преведоа студенти од втора година на Факултетот за странски јазици при Универзитетот Американ Колеџ Скопје, како задача по предметот „Вовед во преведување и толкување", предаван од м-р Марија Тодорова.

Антологијата е електронска публикација објавена под лиценцата Криејтив комонс Наведи извор – Некомерцијално - Без адаптирани дела, 2.5 Македонија.

Факултетот за странски јазици го организираше овој настан како дел од својата мисија за промовирање квалитет и динамична размена меѓу разните земји и култури. Освен професори по англиски јазик и литература и специјалисти во областа на професионалната комуникација, овој факултет „произведува“ преведувачи и толкувачи, како преведувачите на антологијата Условни реченици.