Блогерот Рибаро ја објави дебитантската книга под Криејтив комонс
17.04.2009.
ribaro-mala.png
Влијателниот македонски блогер Јане Ѓорѓиоски – Рибаро ја објави збирката раскази „Од Cabaret до OZ“ во форма на е-книга, бесплатно достапна за симнување под лиценца на Криејтив комонс.

Книгата „Од Cabaret до OZ“ е првото дело на Јане Ѓорѓиоски, кој на својот блог Рибаро објавува и литературни дела, но и го користи за прогресивен општествен активизам.
Видено низ постмодернистичка призма, книгата може да ја сметаме и за структурно разграден роман или новела, а интензитетот на приказните се зголемува прогресивно низ целата книга. Текстовите првобитно се објавени од блогот на авторот, а печатеното издание го објави издавачката куќа „Аквариус пет“ во едицијата „Блог записи“ во март 2008 година.

Текстовите првобитно беа во електронска форма - како блог постови, па многу природно ми изгледаше тие да се вратат во тој формат, како и настанаа. Ефектот е комплетен ако книгата се движи слободно низ е-просторот, а не заробена во корици. Секако достапноста е таа која го прави едно дело да го достигне својот зенит- да биде прочитано од поголема публика - изјави Ѓорѓиоски.

Е-книгата е достапна за симнување преку Порталот за авторски содржини од Македонија објавени под лиценци од палетата на Криејтив комонс, чија намена е да послужи на сите поборници на слободната култура полесен пристап до дела, а на авторите и место за складирање доколку немаат сопствени веб-сајтови.