Криејтив комонс се користи за промоција на Македонија во светот
20.01.2009.

macedonia-timeless.png Во среда, на 24 декември 2008 г., во Музејот на современа уметност во Скопје, беше промовиран спотот за промоција на Македонија - Macedonia Timeless, кој е објавен на интернет со користење на лиценца од Криејтив комонс.

Овој спот, по сценарио и во режија на Милчо Манчевски, е првиот во низата рекламни спотови за туристичка промоција на Македонија во светот. Промоцијата започнува на 25 декември 2008 на CNN и CNN International, а ќе продолжи во други десетина земји на уште осум јазици. 

Како поддршка на кампањата изработен е и веб-сајтот www.macedonia-timeless.com кој исто така беше промовиран на настанот.

Од особено значење за промоција на видео спотовите помеѓу интернет корисниците насекаде во светот е нивното објавување под лиценцата Криејтив комонс Наведи извор-Без адаптирани дела 2.5 Македонија. Со користењето на оваа лиценца се овозможува симнување и реобјавување на спотот на други веб-сајтови, а дополнителна поволна околност е постоењето на широка меѓународна заедница автори кои ги користат лиценците и делуваат како мрежа.

Иако голем број земји одбираат да се промовираат преку спотови на сателитските ТВ канали, случајот на Македонија е најверојатно прв во светот една земја да го интегрира промовирањето на интернет со користење на Криејтив комонс.

Криејтив комонс им овозможува на уметниците од светот поедноставен и ефикасен начин за глобално споделување на дигитални содржини. Благодарение на ослободеноста од почитување на правата кои ги подразбираат целосно заштитени авторски содржини, со лиценицте на Криејтив комонс, уметниците имаат можност да ги споделуваат делата со огромна светска публика која и понатамуслободно  може да придонесува во нивна дополнителна промоција.

Лиценците Криејтив комонс се прилагодуваат на правниот систем на секоја поединечна земја, а во Македонија се присутни со локализирано издание од 2007 година благодарение на Фондацијата Метаморфозис.