Заврши Криејтив комонс конкурсот
25.09.2008.
Со официјалното завршување на летото, на 23 септември, официјално го затворивме Криејтив комонс конкурсот за избор на најдобра фотографија или видео клип снимени со мобилен телефон.

Сите фотографии кои беа објавени во категоријата „Криејтив комонс конкурс“, заклучно со вчерашниот ден, се поставени во посебна галерија на веб-сајтот Криејтив комонс Македонија.

На конкурсот беа пријавени 71 фотографија под лиценцата наведи извор. Истите се сега преместени во категоријата „Фотографии“, заедно со останатите кои се објавуваат надвор од конкурсот. На конкурсот не беше пријавен ниту еден видео клип.

Резултатите од конкурсот ќе бидат објавени на 23 октомври. Ќе се изберат најдобрите 5 фотографии, за што на нивните креатори ќе им бидат доделени Криејтив комонс маици. Креаторот на најдобрата фотографија, покрај маица, ќе добие мобилен телефон.

Изборот ќе го врши стручно жири во состав: Џоичи Ито – претседател на управниот одбор на Криејтив комонс, Калина Буневска – Исаковска – директор на центарот за современа уметност, Роберт Јанкуловски – фотограф и Ирина Шумадиева – претставник на Криејтив комонс Македонија.