Дигиталниот архив на македонскиот јазик под Криејтив комонс
17.07.2008.
digitalen arhiv.jpg Неодамна објавениот сајт на Дигиталниот архив на македонскиот јазик на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика на МАНУ, наменет за промоција на ретки книги и материјали поврзани со македонскиот јазик во дигитална форма, се здоби со Криејтив комонс лиценцата Наведи извор 2.5 Македонија.

Досега на веб-сајтот на дигиталниот архив на македонскиот јазик се објавени 13 дела, но со текот на времето тој ќе се надополнува со нови ракописи, материјали и ретки книги. „Со овој дигитален архив, можноста за продорот на македонскиот јазик, литература и култура во светот ќе биде зголемена, а материјалите ќе станат подостапни. Научниците, лингвистите, проучувачите на културата, историјата и традицијата на Македонија и на македонскиот јазик отсега ќе имаат пристап до ресурсите кои би им помогнале и би ги поттикнале тие проучувања, а со тоа би придонеле за поширока афирмација на македонскиот јазик во светски рамки.“

Дигиталниот архив на македонскиот јазик е бесплатен за користење, пребарување и преземање на материјалите. Единствениот услов кој корисниците треба да го исполнат е наведување на изворот на преземените дела во случај на нивно објавување на други веб-локации, со што се овозможува и референцирање на податоците од самите дела кое е неопходно при научна комуникација.

Примената на Кријетив комонс лиценца на веб-сајтот на дигиталниот архив претставува револуционерен потег од страна на македонската научна институција, а непостоењето на услови за користење на делата, освен основниот – Наведи извор, го прави достапен за македонската, но и за светската читателска публика.

Примената на лиценцата Криејтив комонс е резултат на соработка на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика и Фондацијата Метаморфозис.