Блогерот Дејан Велкоски објави е-книга под Криејтив комонс
2.06.2008.

grabezot.png Минатата недела блогерот, писател и поет Дејан Велкоски го објави својот блог-роман „Грабежот“ на македонскиот портал за Криејтив комонс лиценцирани дела. Дејан Велковски е повеќе познат помеѓу блогерите по своите блогови-Пишуванки кои ги одржува на две различни блог платформи, едниот на Блогспот, а другиот на македонскиот Блогерај.

„,Грабежот“ беше приказна објавувана на блог, во продолженија, што потоа беа прогласени за блог-роман од уредникот Струмјан, што ме поттикна да го спакувам како е-книга и да го поставам на порталот за авторски содржини, заради веќе воспоставената пракса, вели Дејан Велкоски. Книгата е објавена под Криејтив комонс лиценцата Наведи извор-Некомерцијално-Без адаптирани дела. 2.5 Македонија.

Дејан Велкоски, во печатена форма, досега има објавено една збирка поезија со наслов „Б. (или поезија за луѓето што презираат поезија)“ која планира да ја издаде и во електронска форма под Криејтив комонс, секако откако истата ќе биде дигитализирана и една збирка раскази „Последниот македонски хакер“ која беше дел од блог-едицијата од 14 македонски книги на блогери која излезе кон крајот на март, оваа година.