Првото дигитално дело на Жарко Кујунџиски објавено под Криејтив комонс |
|
|
2.03.2010. |
Минатата недела, порталот за креативни содржини достапни под Криејтив комонс го збогати делото „Ендрју, љубов и други непогоди“ од книжевниот уметник Жарко Кујунџиски. Книгата е првпат издадена во печатена верзија во 2004 година, но веќе една година подоцна сите примероци се распродадени, па, како што вели авторот, „Ова е втора шанса“.
Книгата „Ендрју, љубов и други непогоди“ е сочинета од истонасловената драма,
придружена со уште две други „Трета врата“ и „Девиците од исток
сонуваат секс и/ли љубов“. Секоја од драмите ја одликуваат специфични
актерски судири и различна драмска поетика: од реалистичен дискурс,
преку драма на апсурд, до постмодерен театар. Електронското дело е
достапно за преземање под Криејтив комонс лиценцата Наведи
извор-сподели под исти услови Македонија 2.5.
Мотивот за објавување на делото под Криејтив комонс, авторот го гледа
во една практична и една не толку практична причина, како што вели
самиот. „Практичната е во тоа што повеќе од четири години немам ниту
еден примерок од оваа книга, инаку објавена во 2004 година, а во
меѓувреме многумина искажаа желба да ја прочитаат. Ова доаѓа како второ
објавување. Не толку практичната е во тоа што секој автор, па и јас, не
сака своите книги љубоморно да ги чува дома, туку постојано да им дава
нови шанси и нови облици на промоција и актуелност.“
Избрал Криејтив комонс лиценца бидејќи верува дека овој начин на
објавување има јасно утврдени правила и услови за понатамошно ширење на
делото. Верува дека ваков облик на објавување ќе доживеат и идните
негови дела.
Покрај делото Ендрју, љубов и други непогоди, Кујунџиски ги има
објавено и романите: „Spectator“, „Америка“, и „Најдено-загубено“,
колекцијата на кратки раскази „13“, додека од англиски јазик го има
преведено романот „Појадок кај Тифани“ од Труман Капоти и филмското
сценарио „Евтини приказни“ заедно со Златко Кујунџиски. Добитник е на
Наградата „13 Ноември“ во 2003 година, како и на дваесетина други
награди на разни конкурси за најдобар драмски текст, расказ и есеј.
Жарко Кујунџиски од минатата година е магистер на Катедрата за општа и
компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Во
својот живот, има работено како новинар во Дневник, уредник во Млад
Борец и Лоза, колумнист во Утрински весник и како филмски критичар во
повеќе весници и списанија од земјата и од странство.
Моментално е колумнист во Дневник, а исто така е и основач и уредник на
електронското списание „Репер“ кое се занимава со критички приод кон
целокупната македонска култура и уметност.
|